Македонија

МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА СИТЕ ОПШТИНИ ДА ГО СЛЕДАТ ПРИМЕРОТ НА ГАЗИ БАБА: Химната треба да се интонира во училиштата

МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА СИТЕ ОПШТИНИ ДА ГО СЛЕДАТ ПРИМЕРОТ НА ГАЗИ БАБА: Химната треба да се интонира во училиштата

Химната треба да се интонира на цела територија, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски повика сите општини да го следат примерот на Општина Гази Баба и во училиштата да се интонира државната химна. Повикот доаѓа откако Гази Баба воведе практика наставата секој понеделник да започнува со интонирање на македонската химна. Мицкоски смета дека ваквата практика треба да се применува на целата територија на државата, независно од политичката припадност на градоначалниците и етничката структура на населението.

„Ова ќе биде државна политика“

Тој претходно повика ова да биде државна политика што ќе ја спроведува Министерството за образование. Според него, интонирањето на химната претставува начин на покажување почит кон државните симболи. Во Гази Баба, одлуката предвидува секој понеделник наставата во основните училишта да започнува со интонирање на химната.

Во однос на интонирањето химни на други држави, Мицкоски рече дека и тоа прашање е регулирано со закон.

„Има закон како се регулира тоа и согласно законот може да се интонира химна на друга држава доколку се интонира и државната химна“, изјави Мицкоски.

Според него, доколку се почитуваат законските правила, не треба да има никакви проблеми со интонирањето на химни во училиштата, а химната треба да се интонира на цела територија.