Македонија

МИЦКОСКИ ВО САД: Предвидени се средби на високо ниво

Премиерот Христијан Мицкоски заминува во САД на средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и со финансиски институции и компании.

МИЦКОСКИ ВО САД: Предвидени се средби на високо ниво

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заминува во Соединетите Американски Држави со владина делегација, каде што се предвидени повеќе средби на високо ниво. Мицкоски најави состаноци во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и разговори со финансиски институции и компании. Фокусот ќе биде ставен на конкретни проекти во енергетиката, високата технологија и воената индустрија.

 Мицкоски на средба со американската ДФЦ

Во Вашингтон, Мицкоски треба да се сретне и со претставници на американската финансиска институција ДФЦ, која веќе е присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстовдол“, познат како „Аминтон“. Според премиерот, институцијата покажала интерес и за други проекти во енергетиката и напредната технологија.

Од Вашингтон до Њујорк

По престојот во Вашингтон, владината делегација ќе замине за Њујорк, каде што ќе учествува на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации. Мицкоски вчера изјави и дека на агендата засега нема планирана средба со бугарската делегација, додека на прашањето за евентуални уставни измени со одложено дејство рече дека не може да сподели информации во јавноста.