Македонија

МУЦУНСКИ ПОТВРДИ: Крум Ефремов ќе биде нов македонски амбасадор во Софија

Крум Ефремов ќе биде нов македонски амбасадор во Софија, потврди Тимчо Муцунски. Кариерниот дипломат има повеќе од 20 години искуство.

МУЦУНСКИ ПОТВРДИ: Крум Ефремов ќе биде нов македонски амбасадор во Софија

Крум Ефремов ќе биде нов македонски амбасадор во Софија

Кариерниот дипломат Крум Ефремов ќе биде нов амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој посочи дека веќе се во тек подготовките за заминувањето на Ефремов во Софија. Ефремов има повеќе од 20 години дипломатско искуство. Моментално е директор на Директоратот за економска дипломатија во Министерството за надворешни работи. Претходно ја извршувал и функцијата амбасадор на Северна Македонија во Украина. Со неговото именување ќе се пополни амбасадорското место во Софија, кое остана празно по завршувањето на мандатот на Агнеза Руси-Поповска во мај годинава. Муцунски го оцени Ефремов како еден од поквалитетните професионални дипломати во Министерството.

Во период на чувствителни односи со Софија

Неговото заминување во Софија доаѓа во период кога Скопје и Софија се обидуваат да ги надминат разликите и да создадат услови за напредок на европскиот пат на земјава. Муцунски рече дека дијалогот со Бугарија постојано се одвива, иако неговиот интензитет варира во зависност од периодот. Тој нагласи дека македонските црвени линии остануваат поврзани со идентитетот, јазикот, културата и историјата. Според него, европските интеграции не треба постојано да бидат блокирани поради прашања поврзани со овие теми. Министерот истакна и дека Македонија очекува гаранции од европските институции, како и почитување на принципот на реципроцитет во делот на човековите права. Во меѓувреме, остануваат непополнети уште околу десетина амбасадорски позиции од вкупно 59 дипломатски претставништва на земјава во странство.