Свет
Дознај прв
НАПАЃАЧОТ ВО КРАКОВ Е ПОЛЈАК, ИМАЛ АР-15 И АРСЕНАЛ ОРУЖЈЕ: Во автомобилот пронајдени муниција и воена опрема
Полската полиција откри дека напаѓачот во Краков користел оружје од воен тип, можно AR-15. Во автомобилот биле пронајдени оружје, муниција и воена опрема.

Нови детали за вооружениот напад во Краков откриваат дека напаѓачот бил облечен во облека налик на воена униформа и користел долго огнено оружје од воен тип, соопшти полската полиција. Според портпаролката на регионалната полициска управа, Катажина Цисло, можно е да станувало збор за полуавтоматска пушка AR-15. Во автомобилот на напаѓачот биле пронајдени големо количество друго оружје и муниција. Во багажникот имало и воен ранец, воена опрема и бајонет. Во нападот загинаа најмалку шест лица, а меѓу повредените има и тројца полицајци.
Напаѓачот пукал и кон полицајците
Полицијата соопшти дека нејзините службеници пукале кон напаѓачот, по што тој возвратил со оган. Осомничениот бил ранет и пренесен во болница, а според полициските информации, станува збор за полски државјанин чиј идентитет сè уште не е објавен. Постојат индиции дека носел и панцирен елек.
Со автомобил влетал на плоштадот и почнал да пука
Според сведоци, околу 15 часот напаѓачот со голема брзина влетал со автомобил на главниот плоштад во Краков и почнал да пука кон луѓето. Исплашените граѓани бегале и се засолнувале во околните кафулиња, ресторани и влезови на зградите. За време на бегството, осомничениот се судрил со бел автомобил на раскрсницата со улицата Диетла, по што излегол од возилото и отворил оган кон полицајците.

