Македонија
Дознај прв
НЕМА ДОКАЗИ ЗА ШПИОНАЖА ВО КАБИНЕТО НА СИЛЈАНОВСКА: Обвинителството ја заврши постапката
Обвинителството утврди дека нема докази за неовластен пристап или прибирање класифицирани податоци од Кабинетот на Силјановска-Давкова.

Обвинителството ја заврши предистражната постапка за наводите за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека не се утврдени елементи на кривично дело и дека нема основ за натамошно постапување. Во рамки на постапката била обезбедена компјутерска опрема, а биле анализирани и податоци од мобилни уреди.
Не се пронајдени дигитални траги
Според информатичко-форензичките анализи и извештаите од Секторот за компјутерски криминал при МВР, не биле пронајдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во системот. Исто така, не биле пронајдени докази за снимање или прибирање класифицирани податоци.
Утврдени безбедносни и административни слабости
При анализите биле констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои можеле да претставуваат потенцијален ризик. Сепак, обвинителството посочува дека не се утврдени дигитални докази за извршување на пријавените кривични дела. Не се исполнети ниту законските обележја на делата „Оддавање државна тајна“ и „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
