Македонија

НОВИ ПРАВИЛА ЗА БИЗНИСИТЕ: Од 2027 година е-фактура станува задолжителна

Од 2027 година се очекува задолжителна е-фактура, со која УЈП ќе добива податоци за секоја трансакција и ќе врши контроли во реално време.

НОВИ ПРАВИЛА ЗА БИЗНИСИТЕ: Од 2027 година е-фактура станува задолжителна

УЈП ќе има податоци за се’ преку е-фактура

Од 2027 година се очекува постепено да започне задолжителната примена на системот за е-фактура, најави директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова. До крајот на 2026 година треба да биде донесен законскиот основ, да се постави потребната софтверска и хардверска инфраструктура и да започне доброволното користење на системот. УЈП преку е-фактурата ќе добива структурирани податоци за секоја фактура и трансакција, вклучително и информации за продавачот, купувачот, артиклите и даночните показатели. За разлика од досегашниот начин на кој податоците се добиваат преку даночните пријави по завршување на периодот, новиот систем ќе овозможи пристап до информациите во реално време.

Контролите ќе се вршат побрзо и автоматизирано

Новата дигитална платформа ќе овозможи дел од даночните контроли да се автоматизираат, со што би се намалиле можностите за грешки и доставување неточни податоци. УЈП ќе може да ги поврзува информациите од е-фактурите со податоци од банки, Царината, фискалните уреди и други извори за полесно откривање сомнителни трансакции и невообичаени шеми. Од УЈП оценуваат дека системот нема веднаш целосно да го елиминира даночното затајување, но значително ќе го намали просторот за прикривање на трансакции.

Жан Митрев