Македонија

ОБВИНЕНИЕ ЗА СМРТ НА РАБОТНИК ВО ОХРИД: Две лица и две фирми ќе одговараат за трагедијата во зграда во изградба

ОЈО Охрид поднесе обвинителен предлог против две лица и две фирми за смртта на работникот Кристијан Љушев, кој падна во лифтовско окно во зграда во изградба.

ОБВИНЕНИЕ ЗА СМРТ НА РАБОТНИК ВО ОХРИД: Две лица и две фирми ќе одговараат за трагедијата во зграда во изградба

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица во врска со смртта на работникот Кристијан Љушев, кој загина по пад во лифтовско окно во зграда во изградба. Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа. Според обвинителството, трагедијата се случила на 12 јануари, во утринските часови, кога четворица работници ангажирани од една од обвинетите фирми влегле во зградата за да внесат дел од мебелот.

Работник паднал во лифтовско окно

Кога пристигнале на четвртиот кат, еден од работниците со ногата се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал во отворот за лифт, кој водел до подрумските простории. Од здобиените тешки телесни повреди починал на лице место. Од Обвинителството посочуваат дека Љушев бил ангажиран без договор за вработување, односно во непријавен работен однос, како помошник монтер.

Работел без обука и заштита при работа

Според обвинението, работникот немал поминато основна обука за безбедност и здравје при работа, немал здравствен преглед, ниту добил упатства за работа во специфични услови и при зголемен ризик. Обвинителството наведува дека работниците добивале усмени налози од управителот и работеле во зграда во изградба, без претходен увид и проценка на работната средина. Јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид доставил и предлог за забрана на статусни промени во двете обвинети фирми, со цел да се спречат промени и отуѓување на нивниот имот во текот на постапката.

ОЗНАКИ: Охрид
Жан Митрев