Скопје
Дознај прв
Огнот кај Грачани сè уште беснее: Армиски хеликоптер се вклучи во гаснењето
Големиот пожар кај Грачани и натаму е активен. Во гаснењето се вклучија армиски и полициски хеликоптери и „ер трактори“.

Големиот пожар кај скопското село Грачани и натаму е активен, а во неговото гаснење од утрово е вклучен и армиски хеликоптер. Воздушна поддршка даваат и полициски хеликоптери и „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека на терен дејствуваат скопските пожарникари и екипи со возила „пинцгауер“. Пожарот е активен и од македонска и од косовска страна, а чадот и мирисот на изгорено во изминатото деноноќие се почувствуваа во повеќе делови од Скопје.
Пожарите ги распрскуваат силите
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека покрај големиот пожар кај Грачани, на Китка биле подметнати уште два пожара – во Студеничани и Зелениково. Иако овие пожари брзо биле локализирани, според Ангелов, ваквите случаи дополнително ги распрскуваат силите и го отежнуваат концентрирањето на екипите на главното жариште.
Во Скопје измерено умерено загадување
Според податоците на IQAir, индексот на квалитетот на воздухот во Скопје денеска е околу 69, што се категоризира како умерено загадување, а главен загадувач се ситните PM2.5 честички. Дел од граѓаните пријавуваат дека го чувствуваат чадот и непријатниот мирис во воздухот. Надлежните апелираат на внимателност додека продолжува борбата со пожарите.
