Македонија
Дознај прв
Огнот кај Грачани не стивнува: Трет ден трае битката, над 30 пожари беснееле до утрото
Пожарот кај Грачани и натаму е активен трет ден. Во изминатото деноноќие низ Македонија биле регистрирани 41 пожар, од кои 30 се изгаснати.

Пожарот кај скопското село Грачани и натаму е активен, а борбата со огнената стихија продолжува трет ден. Огненото жариште се наоѓа во пограничниот реон, а пожарот кој првично избувнал на косовска територија се проширил кон македонската страна. Поради непристапниот планински терен, гаснењето е отежнато, а огнената линија во одреден момент била подолга од пет километри. Чадот и мирисот на изгорено вчера се чувствуваа во повеќе делови од Скопје.
Шест активни пожари низ земјава
Според последните податоци на Центарот за управување со кризи, до 7:30 часот биле регистрирани вкупно 41 пожар на отворен простор, од кои шест биле активни, пет ставени под контрола, а 30 целосно изгаснати. Покрај Грачани, активни пожари имало и во Штип, Струга, Сарај, Студеничани и Кичево. Кај Грачани гори нискостеблеста шума, додека на другите локации огнот зафатил ниска вегетација, мешана и нискостеблеста шума.
Огнот и натаму кај Грачани се следи внимателно
Надлежните продолжуваат со активностите за спречување на повторно ширење на пожарот кон македонска територија и населените места. Досега нема информации дека селото Грачани е директно загрозено, но поради близината на огнената линија и променливите услови, состојбата останува под внимателно следење.
