Регион

ОГНОТ НЕ СТИВНУВА ВО ГРЦИЈА: Речиси 500 пожарникари четврти ден се борат со големиот пожар

Големиот пожар во Грција четврти ден не е под контрола. Речиси 500 пожарникари се на терен, а евакуирани се повеќе населени места во Атика.

ОГНОТ НЕ СТИВНУВА ВО ГРЦИЈА: Речиси 500 пожарникари четврти ден се борат со големиот пожар

Големиот пожар што избувна во петокот во централниот дел на Грција и се прошири кон западниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, сè уште не е ставен под контрола. Речиси 500 пожарникари четврти ден се обидуваат да ја запрат огнената стихија. Намалениот интензитет на ветерот утрово овозможил повторно да започне гаснењето од воздух. Целта на противпожарните екипи е пожарот што поскоро да биде локализиран и да се спречи негово натамошно ширење.

Во текот на ноќта евакуирани населени места

Преку бројот 112 за итни случаи во текот на ноќта биле испратени пораки за евакуација до жителите на неколку населени места во западна Атика. Надлежните служби остануваат на терен, а состојбата се следи постојано поради опасноста огнот повторно да се разгори.

Двајца загинаа во судирот на хеликоптерите

Во гаснењето на пожарот вчера се судрија два изнајмени противпожарни хеликоптери. Во несреќата загинаа пилот од Данска и координатор, грчки државјанин, кои биле членови на екипажот на едниот хеликоптер. Грчката полиција ќе ги истражува причините и околностите на несреќата, додека местото на судирот е обезбедено од полициски сили. Кипар соопшти дека е во постојана комуникација со грчката влада и дека е подготвен да помогне во гаснењето на пожарите.