Хроника
Дознај прв
ОРУЖЈЕ, ЕКСПЛОЗИВ И МУНИЦИЈА ВО ДОМ НА СКОПЈАНЕЦ: пронајдена и марихуана
Во домот на 33-годишен скопјанец се пронајдени бомба, оружје, 240 куршуми и марихуана. Обвинителството бара притвор.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишен скопјанец, осомничен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. При претрес во неговиот дом полицијата пронашла поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја, меѓу кои и рачна бомба „М75“ со шрапнелско дејство. Запленети се и 240 куршуми со различен калибар, пиштол „Црвена Застава“ со калибар 7,65 милиметри и пиштол „Берета“. Во станот биле пронајдени и околу седум грама марихуана.
Во станот пронајден и клуч од мотор
При претресот бил пронајден и клуч од мотор за кој, според оперативни сознанија на полицијата, постои сомнение дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство. Надлежниот јавен обвинител оценил дека постојат околности кои укажуваат на неопходност од притвор за непречено водење на кривичната постапка.
Обвинителството побара најстрога мерка
Јавниот обвинител до судот поднел предлог за определување на притвор, повикувајќи се на опасност од бегство и можност осомничениот да продолжи со вршење кривични дела. За случајот е отворена истражна постапка, а понатамошното постапување ќе треба да ги утврди сите околности поврзани со пронајденото оружје, експлозив и наркотичната дрога.
