Македонија

ПЕТ АКТИВНИ ПОЖАРИ ВО МАКЕДОНИЈА: два се под контрола, огнот и натаму се шири на повеќе локации

Во Македонија се активни пет пожари, два се под контрола, а најтешка е состојбата кај Студеничани, Македонски Брод, Велес и Јегуновце.

ПЕТ АКТИВНИ ПОЖАРИ ВО МАКЕДОНИЈА: два се под контрола, огнот и натаму се шири на повеќе локации

Најтешка е состојбата кај Студеничани

Во изминатото деноноќие на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, два се под контрола, а останатите се изгаснати. Најсериозна е состојбата во подножјето на планината Китка, каде пожарот кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во општина Студеничани зафатил мешана шума. Огнот се движи низ исклучително тежок и непристапен терен, што дополнително ја отежнува интервенцијата на екипите. Активен пожар има и во Македонски Брод, во реонот на Видуш, Драгов Дол и Локвица, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Пожарникарите и другите надлежни екипи продолжуваат со активностите за локализирање на огнените жаришта.

Огнот активен и во други делови од земјата

Активни пожари се регистрирани и во реонот на Велес и Зелениково, каде огнот во атарот на селото С’лп се шири кон Карабуњиште, Добрино и Тисовица, како и во подрачјето на Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце и Туденце, со ширење кон Бојане. Дел од пожарите се ставени под контрола, со што состојбата на повеќе места постепено се стабилизира. Сепак, поради високите температури и сувата вегетација, ризикот од нови пожари и повторно активирање на постојните жаришта останува висок. Надлежните служби продолжуваат со дежурства и интервенции на терен со цел да се спречи понатамошно ширење на огнот.