Македонија
Дознај прв
ПРИТВОР ЗА „ГАЗДАРИЦАТА“ НА КАМЕНИТЕ КУКЛИ: Незаконски наплаќала влезници, па нападнала полицајци
Притвор за 41-годишна жена од Кратово осомничена дека го узурпирала локалитетот Камени кукли, незаконски наплаќала влезници и нападнала полицајци.

Подолг период го узурпирала заштитениот локалитет
Судот ѝ определи притвор на 41-годишна жителка на Кратово, осомничена за узурпација на локалитетот „Камени кукли“ во Куклица и за спречување службени лица во извршување на нивните должности. Според Обвинителството, таа подолг период без правен основ наплаќала влезници од посетителите на локалитетот, кој е прогласен за споменик на природата. Осомничената наводно се расправала со туристите, им се заканувала и го нарушувала јавниот ред и мир. При последниот инцидент таа физички ги нападнала полицајците кои се обиделе да ја легитимираат и да ја приведат.
Не ја почитувала забраната да го посетува местото
Против жената веќе се водела постапка за продолжено кривично дело узурпација, а претходно ѝ била изречена и забрана да го посетува локалитетот. Таа, според надлежните, го избегнувала примањето на решението и продолжила со истото однесување. Обвинителството посочило дека заедно со нејзиниот сопруг и порано спречувала пазарни инспектори во вршењето службени дејствија. Поради опасност од бегство и можност да продолжи со извршување кривични дела, судот го прифатил предлогот на обвинителот и ѝ определил притвор.
