Македонија
Дознај прв
ПРОПАДНА НОВ ОБИД ЗА ДОГОВОР: Дијаспората останува спорна во Изборниот законик
Дијаспората останува спорна во Изборниот законик, откако пропадна нов обид партиите да постигнат договор.

Партиите без спогодба
Пропадна уште еден обид пратеничките групи во Собранието да ги усогласат разликите околу измените на Изборниот законик. Според ТВ24, спорното прашање и натаму останува начинот на кој дијаспората ќе може да го остварува своето право на глас. Владата тврди дека е подготвена на отстапки за да се најде соодветен модел за гласање на граѓаните кои живеат надвор од државата. Од власта порачуваат дека за останатите прашања се подготвени да ги прифатат предлозите на опозициските партии. Сепак, опозицијата останува на ставот дека предложените измени отвораат простор за сомнежи и можни злоупотреби.
СДСМ и Левица со забелешки
Од СДСМ обвинуваат дека парламентарното мнозинство турка изборни измени кои, според нив, водат кон изборни манипулации, иако предвидено е законот да почне да важи од 2029 година, односно од следните претседателски избори. Тие бараат одговори зошто се инсистира на електронско гласање без доволни гаранции и зошто дијаспората се става во ризик од сомнежи за злоупотреби. Од Левица, пак, повторно реагираат дека блокадата околу Изборниот законик произлегува од двете најголеми партии и го отвораат прашањето за една изборна единица, кое иако одамна се најавува, сè уште не е преточено во законско решение. Евроамбасадорот Михалис Рокас претходно го оцени законското решение како добро и ги повика партиите на консензус, бидејќи Изборниот законик е дел од реформската агенда.
