Македонија

РЕДОК АРХЕОЛОШКИ НАОД КАЈ МЛАДО НАГОРИЧАНЕ: Откриени траги од ритуали стари над 2.300 години

Редок археолошки наод со претстава на божицата Деметра откри ритуално светилиште старо над 2.300 години кај Младо Нагоричане.

РЕДОК АРХЕОЛОШКИ НАОД КАЈ МЛАДО НАГОРИЧАНЕ: Откриени траги од ритуали стари над 2.300 години

Уникатен археолошки наод со претстава на женско божество, најверојатно Деметра, е откриен на локалитетот Градиште кај Младо Нагоричане. Откритието дополнително го потврдува постоењето на ритуално светилиште во античката населба, која датира од 4 и 3 век пред нашата ера.

Пронајден сад со претстава на божицата Деметра

Археолозите пронашле голем керамички сад – питос, на чие устие има отпечатоци од прстен со претстава на божество кое држи рог на изобилието. Со другата рака божеството врши либација, односно принесување течна жртва со ритуален сад врз триножник.

Истражувањата биле насочени кон секторот „Долна тераса“, каде претходно биле откриени карпести конструкции, камени тумули, ритуални јами, вотивни садови и сад за вода. Овие наоди уште порано укажувале дека просторот бил користен за верски обреди.

Просторија за ритуални јадења

Во близина бил откриен ограден ѕид кој го одделувал светилиштето од остатокот на населбата, како и помала просторија која веројатно служела за ритуални јадења. Во неа се пронајдени голем број животински коски, претежно од диви свињи и кози, како и трпезна керамика стара повеќе од 2.300 години.

Меѓу наодите има увезени кантароси, амфори, хидрии, лампи, керамички фигурини и црнофирнизирани садови. Пронајдени се и остатоци од луксузно украсен кревет, што според археолозите го потврдува високиот степен на развој и трговските врски на населбата со центрите на Македонското Кралство.

Следните истражувања ќе бидат насочени кон целосно откривање на градбите и утврдување дали во овој дел од локалитетот постоел храм. Ископувањата ги реализира НУ Музеј Куманово со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.