Македонија
Дознај прв
СЕКОЈ ВТОР ВОЗРАСЕН ГРАЃАНИН ВО МАКЕДОНИЈА ПУШИ: Месечно троши околу 4.800 денари за цигари
Истражување на Аналитика покажува дека 50 проценти од возрасните во Македонија пушат, а економските загуби од пушењето се проценуваат на 530 милиони евра годишно.

Секој втор возрасен граѓанин во Македонија пуши, а доколку се вклучат и новите никотински и тутунски производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти. Ова го покажува националното истражување на тинк-тенкот Аналитика, спроведено врз 1.065 полнолетни лица, чии резултати беа презентирани на конференција организирана во соработка со Светската здравствена организација (СЗО). Истражувањето покажува дека се зголемува интензитетот на пушење, при што повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно. Дополнително загрижува фактот што цигарите станале подостапни во однос на куповната моќ, а просечниот месечен трошок по пушач изнесува околу 4.800 денари. Учесниците на конференцијата предупредија дека пушењето не е само здравствен, туку и сериозен економски проблем за семејствата и државата.
Обидите за откажување на цигари се ретки
Програмската директорка на Аналитика, Тамара Мијевиќ Спасова, посочи дека секојдневното пушење и потрошувачката на цигари се зголемени во споредба со 2020 година. Околу 40 проценти од пушачите консумираат од 10 до 20 цигари дневно, додека повеќе од една четвртина пушат над 20 цигари. Само 10 проценти од граѓаните се обиделе да се откажат од пушењето, а најдолгиот период на апстиненција во просек изнесувал два и пол месеца. Истражувањето покажува дека платите во анализираниот период реално пораснале за околу 36 проценти, додека цените на цигарите се зголемиле за само 8,8 проценти. И покрај тоа, 47 проценти од оние што се обиделе да се откажат како мотив ја навеле цената на цигарите, а околу 36 проценти – советот од лекар.

