Регион
Дознај прв
УЧЕНИКOТ ЈА ЗЕЛ ПУШКАТА ОД ТАТКО МУ: Нови детали за пукањето во училиштето во Крагуевац
Седумнаесетгодишниот ученик кој пукаше во училиште во Крагуевац наводно ја зел пушката од татко му. Ранета е хигиеничарка, а друга вработена е повредена од стакло.

Седумнаесетгодишниот матурант кој утрово пукаше во Техничкото училиште во Крагуевац ја зел пушката од својот татко и ја донел во училиштето, објави српска „Нова“, повикувајќи се на неофицијални информации. Во инцидентот била ранета една хигиеничарка, додека друга вработена се здобила со повреди од парчиња стакло од прозорец во кој најверојатно удрил куршум. Според неофицијалните сознанија на медиумот, ученикот само неколку часа пред пукањето објавил фотографија на социјалните мрежи на која позира со пушка. Информациите засега не се официјално потврдени.
Ученикот немал претходни проблеми во училиштето
Директорот на училиштето, Немања Јоксимовиќ, потврди дека ученик од четврта година ранил една вработена, но дека таа не е во животна опасност. Тој изјави дека сите ученици безбедно ја напуштиле зградата по инцидентот, кој се случил за време на првиот час, и дека полицијата брзо реагирала и го уапсила ученикот. Јоксимовиќ додаде дека претходно немало проблеми со ученикот и дека училиштето ќе се обиде наставата што поскоро да продолжи нормално.
Пронајдени чаури и муниција околу училиштето
Очевидец за „Нова“ раскажал дека по пукањето пред училиштето го видел ученикот како го држат полициски службеници, а подоцна биле пронајдени чаури и муниција во близина на објектот. Полицијата врши увид, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на истрагата. Настанот повторно ја вознемири српската јавност, особено по трагедијата во белградското училиште „Владислав Рибникар“ од 3 мај 2023 година, кога 13-годишен ученик уби деветмина соученици и училишен обезбедувач, а рани уште шест лица.

