Регион

ВУЧИЌ СЕ ЗАКАНИ СО ШТРАЈК СО ГЛАД АКО БИДЕ УАПСЕН: Тврди дека милион луѓе би излегле на улица

Александар Вучиќ се закани со штрајк со глад доколку биде уапсен и тврдеше дека милион луѓе би излегле на улица. Се осврна и на наводни закани за ликвидација.

ВУЧИЌ СЕ ЗАКАНИ СО ШТРАЈК СО ГЛАД АКО БИДЕ УАПСЕН: Тврди дека милион луѓе би излегле на улица

Претседателот на пратеничката група на СНС, Александар Вучиќ, најави дека ќе започне штрајк со глад доколку некој се обиде да го уапси. Во гостување на телевизијата „Пинк“, тој тврдеше дека во таков случај милион луѓе би излегле на улица и порача дека нема намера да се крие или да бега, пренесува „Нова.рс“. Вучиќ ја поврза можноста за негово апсење со Студентскиот список, обвинувајќи ги политичките противници дека сакаат да им наштетат на луѓето што ги сметаат за свои непријатели.

СНС ќе одлучува за учество на претседателските избори

Вучиќ најави дека СНС на партиското собрание на 13 декември ќе одлучи дали ќе учествува на претседателските избори. Тој лично ја поддржува можноста партијата да не учествува, бидејќи, како што рече, не сака да им даде легитимитет на политичките ривали, но остави простор за поинаква одлука. Осврнувајќи се на изборниот пораз, оцени дека партијата може да постигне подобар резултат на следните избори, но претходно мора да се промени, да ги признае сопствените грешки и да биде објективна кон себе.

Вучиќ тврди дека добил закани за ликвидација

За време на истото телевизиско гостување, Вучиќ изјави дека претходниот ден добил закана за убиство од, како што го нарече, „вештерскиот клан“. Тој рече дека нема да ги пријави заканите во полиција бидејќи нема доверба во институцијата, обвинувајќи ги „улиците“ и Студентскиот список дека ја преземаат контролата врз полицијата. Вучиќ тврди дека пораката што ја добил била јасна и недвосмислена и ја обвини полицијата дека не ги уапсила членовите на групата.

Жан Митрев