Македонија

СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ОСТАВА ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ: За седум месеци евидентирани 101 случај, трипати повеќе жени

На Клиниката за психијатрија во првите седум месеци од 2026 година се евидентирани 101 пациент со последици од семејно или партнерско насилство.

СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ОСТАВА ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ: За седум месеци евидентирани 101 случај, трипати повеќе жени

Во првите седум месеци од 2026 година, на Универзитетската клиника за психијатрија биле евидентирани 101 пациент со психолошки потешкотии поврзани со претрпено семејно или партнерско насилство. Бројката веќе е повисока од 79-те случаи регистрирани во текот на целата 2025 година. Податоците произлегуваат од анализа на електронските здравствени записи во системот „Мој Термин“, за пациенти со дијагнози поврзани со стрес. Најголем дел од евидентираните пациенти се жени, кои се застапени трипати повеќе од мажите.

Најмногу случаи биле евидентирани во март, април и јуни

Податоците ги презентирала проф. д-р Славица Арсова на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026, која викендов се одржува во Охрид. Во 2026 година најмногу случаи биле евидентирани во март – 27, април – 23 и јуни – 21. Просечната возраст на пациентите била 40 години, а меѓу евидентираните имало 19 лица помлади од 18 години и 29 лица на возраст од 60 години или повеќе. Арсова нагласила дека бројките се однесуваат на случаи забележани во медицинската документација и сами по себе не докажуваат дека насилството во општеството е зголемено.

Пријавите за семејно насилство се зголемиле за 23 проценти

Податоците од Клиниката се надоврзуваат на статистиката на Министерството за внатрешни работи, според која пријавите за семејно насилство пораснале од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година, односно за 23 проценти. Во 2025 година, меѓу најчесто евидентираните жртви биле сопруги, родители и поранешни брачни партнери. На конференцијата била истакната и потребата здравствените работници внимателно да го препознаваат насилството, да го документираат и да ги вклучуваат надлежните институции за да им се обезбедат соодветна поддршка и заштита на жртвите.