Магазин
Дознај прв
ШВЕРЦ НА 5.000 ШТЕКИ ЦИГАРИ ОТКРИЕН НА БОГОРОДИЦА: Вредноста на запленетата стока е околу девет милиони денари
На граничниот премин Богородица се откриени 5.000 штеки непријавени цигари во камион со српски регистарски ознаки. Обвинителството бара притвор за осомничениот.

Српски државјанин е осомничен за криумчарење откако на граничниот премин Богородица во камион биле откриени 5.000 штеки непријавени цигари. Според Основното јавно обвинителство Гевгелија, станува збор за цигари од марките „Марлборо“, „Давидоф“ и „Винстон“, чија вкупна вредност се проценува на околу девет милиони денари. Осомничениот, сопственик на српска транспортна фирма, при влез во земјава се обидел да ја внесе стоката без да ја пријави на царинската линија.
Цигари скриени меѓу пријавената стока
Во приколката на камионот биле пронајдени 100 картонски кутии без ознаки, сокриени меѓу пријавената стока. Возачот пријавил дека превезува пропиленски гранулати, но при контролата царинските службеници ги откриле цигарите во предниот дел и во средината на приколката. Стоката веднаш била одземена.
Обвинителството бара притвор поради опасност од бегство
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка за кривично дело криумчарење од член 278 став 2 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување притвор, поради околности што укажуваат на опасност од бегство на осомничениот.

