Македонија
Дознај прв
СОБРАНИЕТО ДЕНЕСКА ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА: Предложени промени во повеќе министерства
Собранието денеска расправа за реконструкцијата на Владата, со предлози за разрешување и избор на нови министри во повеќе ресори.

Собранието денеска ќе ја одржи 112. седница, на која главна точка ќе биде предложената реконструкција на Владата. Пратениците ќе расправаат за разрешување на повеќе министри и заменици-министри, како и за избор на нивните наследници.
Нови предлози за правда, здравство и локална самоуправа
Од функцијата министер за правда се предлага да биде разрешен Игор Филков, а за негов наследник е предложен Јетон Шасивари. Иван Стоилковиќ треба да го напушти Министерството за односи меѓу заедниците и да ја преземе функцијата министер за локална самоуправа, на местото на Златко Перински. Перински, пак, се очекува да застане на чело на Фондот за здравствено осигурување.
За нов министер за здравство е предложен Сашо Клековски, кој треба да го наследи Азир Алиу, додека Агон Ферати е кандидат за министер за односи меѓу заедниците.
Промени и во земјоделството, социјалната политика и културата
Во Министерството за земјоделство се предлага Цветан Трипуновски да биде заменет со Борче Серафимовски, а во Министерството за социјална политика, демографија и млади, наместо Фатмир Лимани, е предложен Ѓоко Велковски. За ресорот култура и туризам се предлага Седат Сулејмани да го наследи Зоран Љутков, додека за министер без ресор, на местото на Шабан Салиу, е предложен Ерџан Демир.
Се очекува премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците да ги образложи причините за реконструкцијата. Според собранискиот Деловник, расправата по секој предлог за разрешување може да трае најмногу два дена, а за избор на новите министри е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници.
