Дознај прв
СВЕТИ ПАВЛЕ ИСПОВЕДНИК: Православните христијани го одбележуваат споменот на цариградскиот патријарх
Православните христијани го одбележуваат Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски, кој пострадал во 351 година бранејќи ја православната вера.

Според календарот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, денеска, 6 ноември според Јулијанскиот календар, се одбележува споменот на Свети Павле Исповедник, патријарх Цариградски. Тој бил избран за патријарх по смртта на блажениот Александар, кој пред својата смрт им го препорачал на верниците како духовен водач што ќе ги учи и ќе им блеска со добродетел. Неговиот избор не бил прифатен од аријанските еретици, ниту од царот Констанциј, поради што Павле бил соборен од престолот и принуден да побегне во Рим заедно со Свети Атанасиј Велики.
Прогони и враќање на патријаршискиот престол
Со поддршка од папата Јулиј и царот Констанс, Павле повторно бил вратен на патријаршискиот престол, но по смртта на царот Констанс, аријанците повторно го протерале, овојпат во Кукуз, во Ерменија. За време на прогонството, во 351 година, додека служел литургија, бил нападнат од аријанците и удавен со сопствениот омофор.
Моштите на Свети Павле пренесени во Цариград и Венеција
Во времето на царот Теодосиј, во 381 година, моштите на Свети Павле биле пренесени во Цариград. Подоцна, во 1236 година, биле однесени во Венеција, каде што се наоѓаат и денес. Неговите омилени клирици и секретари, Маркијан и Мартириј, исто така пострадале кратко по смртта на својот патријарх.

