Регион

ТУРИСТИЧКИ БУМ ВО АЛБАНИЈА: Над пет милиони странци за само шест месеци

Албанија во првите шест месеци од 2026 година ја посетиле над пет милиони странски државјани, што претставува раст од 6,2 отсто.

ТУРИСТИЧКИ БУМ ВО АЛБАНИЈА: Над пет милиони странци за само шест месеци

Албанија продолжува да бележи силен раст на бројот на посетители, откако во првите шест месеци од 2026 година во земјата влегле повеќе од девет милиони домашни и странски државјани. Тоа претставува зголемување од 6,6 отсто во споредба со истиот период минатата година. Од вкупниот број, повеќе од пет милиони биле странски посетители.

Над пет милиони странци

Според податоците на албанскиот Институт за статистика, од јануари до јуни во земјата влегле 5.059.069 странски државјани, што е раст од 6,2 отсто. Во истиот период биле регистрирани и 4.107.281 влезови на албански државјани, за 7,1 отсто повеќе од минатата година. Само во јуни во Албанија влегле повеќе од два милиони лица, од кои околу 1,35 милиони биле странски државјани.

Најголем дел од туристите доаѓаат од Европа

Најголемиот дел од странските посетители пристигнале од европските земји, при што Јужна Европа учествувала со 66 отсто од европските пристигнувања. Централна и Источна Европа учествувале со дополнителни 14 отсто. Дури 98 отсто од странските државјани влегле во Албанија поради лични причини, додека бројот на деловни и професионални посети се намалил за 17,7 отсто. Сепак, од албанското Министерство за туризам посочуваат дека резултатите сè уште се пониски од очекувањата, а како една од причините ги наведуваат протестите во Тирана.

ОЗНАКИ: албанија