Македонија
Дознај прв
ВАНДАЛИЗАМ НА ШАР ПЛАНИНА: Уништена зимската маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв
Над 45 столбови од зимската маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв се уништени или отстранети. Штетата е најмалку 8.000 евра.

Уништени повеќе од 45 столбови измеѓу Попова Шапка – Титов Врв
Повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови од зимската планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети, со што е предизвикана материјална штета проценета на најмалку 8.000 евра. Станува збор за маркација на патека долга околу 11 километри, која е особено важна за безбедноста на планинарите во зимски услови, кога снегот, маглата, ветерот и намалената видливост можат целосно да ја сокријат летната маркација. Зимските столбови со црвена и жолта боја се поставени како јасни точки за ориентација и следење на безбедната рута.
Случајот пријавен во полиција
Маркацијата беше реализирана во рамки на проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С. Македонија“, со поддршка од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, Скопска Пивара и други партнери, а во поставувањето учествуваа повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси. На 19 август стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, извршил увид и ги документирал местата каде што е оштетена или отстранета опремата. Од проектот посочуваат дека уништувањето не е само финансиска штета, туку директно ја загрозува безбедноста на планинарите, туристите, водичите и спасувачите. Се очекува надлежните институции да ги утврдат околностите и да постапат согласно закон, а од граѓаните и посетителите на планината се апелира да ја чуваат планинарската инфраструктура и да пријават секое ново оштетување.
