Регион

ВАЖНО ЗА ВОЗАЧИТЕ КОИ ПАТУВААТ КОН ГРЦИЈА: Солунската обиколница ќе биде затворена две ноќи

Солунската обиколница ќе биде затворена во делови на 23 и 24 јули поради градежни работи, а возилата ќе се пренасочуваат низ градот.

ВАЖНО ЗА ВОЗАЧИТЕ КОИ ПАТУВААТ КОН ГРЦИЈА: Солунската обиколница ќе биде затворена две ноќи

Возачите кои патуваат кон Солун и Халкидики или се враќаат кон Македонија треба да очекуваат изменет сообраќаен режим поради градежните работи на проектот „Флајовер“. Дел од Солунската обиколница ќе биде затворен во две последователни ноќи, а возилата ќе се пренасочуваат низ градот.

Во четврток затворање во двата правци

Во четврток, 23 јули, од 23 часот до 5 часот наутро на 24 јули, ќе биде затворен делот од Источната внатрешна обиколница меѓу клучките К5 кај болницата „Папагеоргиу“ и К6 кај Метеора. Затворањето ќе важи во двата правци. Возилата кои пристигнуваат од Евзони и продолжуваат кон Солун и Халкидики ќе се пренасочуваат низ градското подрачје, поради што се очекува зголемен метеж. Сообраќајот кон исток ќе се пренасочува преку излезот кај Евкарпија, додека возилата во спротивниот правец ќе се движат преку клучката К6 и булеварот „Андреас Папандреу“.

Втората ноќ ќе биде затворен правецот кон Македонија

Во петок, 24 јули, повторно од 23 до 5 часот наутро, ќе биде затворен само правецот кон запад, од клучката К6 кон К5. Овој правец го користат возилата кои се движат кон Евзони и Македонија. Правецот кон исток, односно кон Солун и Халкидики, ќе остане отворен во текот на втората ноќ. Грчката сообраќајна полиција ги повикува возачите да ја следат привремената сигнализација, да ги почитуваат ограничувањата и однапред да го испланираат патувањето.

Жан Митрев