Регион

(ВИДЕО) „АЛБАНИЈА НЕ Е НА ПРОДАЖБА“: Илјадници граѓани ги срушија оградите на спорниот луксузен ресорт

(ВИДЕО) „АЛБАНИЈА НЕ Е НА ПРОДАЖБА“: Илјадници граѓани ги срушија оградите на спорниот луксузен ресорт

Илјадници граѓани во Албанија протестираа на плажата Какоме, на југот од земјата, против приватизацијата на јавните крајбрежни површини и изградбата на луксузен ресорт на кој му ги срушија оградите.

Граѓаните ги срушија оградите

Според албанските медиуми, жители на Нивица, Шен Василије и други околни места ги урнале физичките бариери, дел од оградите, стражарските куќи и бодликавата жица што го блокирале пристапот до дел од заливот. Демонстрантите порачале дека плажите му припаѓаат на народот, а не на олигарсите, извикувајќи „Албанија не е на продажба“ и „Фламинго револуција“.

Расте незадоволството од проектот

Протестите се поврзани со контроверзниот проект за изградба на луксузен ресорт, кој критичарите го сметаат за пример за приватизација на јавен простор на сметка на локалното население и животната средина. Видеа објавени на социјалната мрежа X покажуваат како граѓаните ги отстрануваат оградите и влегуваат во оградениот дел од брегот. Акцијата во Какоме доаѓа во услови на растечко незадоволство од политиките на владата на Еди Рама, која демонстрантите ја обвинуваат дека фаворизира големи инвеститори. Тие најавуваат дека ќе продолжат со акции сè додека не се запре понатамошната приватизација на крајбрежјето.