Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) МНОЗИНСТВОТО СЕ ЗГОЛЕМУВА: Демократската партија на Турците се приклучи кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега бројат 59 пратеници
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се зголеми на 59 пратеници откако Демократската партија на Турците потпиша договор за политичко партнерство.

Парламентарното мнозинство на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се зголемува на 59 пратеници, откако кон неа се приклучи Демократската партија на Турците на Македонија. Информацијата ја соопшти премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по потпишувањето договор за политичко партнерство, соработка и поддршка.
Партнерство засновано на доверба и заеднички цели
Мицкоски изјави дека со новото партнерство се испраќа порака дека околу интересите на граѓаните и иднината на државата постои простор за обединување. Според него, договорот е заснован на заемно почитување, доверба и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани. Со приклучувањето на Демократската партија на Турците, пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ добива уште еден пратеник и ќе брои вкупно 59 пратеници.
Мицкоски: На државата ѝ е потребна силна опозиција
Премиерот нагласи дека турската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и дека со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Тој додаде дека различностите треба да претставуваат предност, а политиките да ги поврзуваат, наместо да ги разделуваат граѓаните. Мицкоски се осврна и на состојбата во опозицијата, посочувајќи дека не е среќен поради нејзината актуелна позиција и дека на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Како своја цел го наведе натамошното позиционирање на ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила што ќе обединува околу економскиот развој, владеењето на правото и подобриот живот за сите граѓани.
