Регион
Дознај прв
(ВИДЕО) НЕСРЕЌА ВО БЕЛГРАД: Десет деца повредени во трговскиот центар „Галерија“
Десет деца на возраст од осум и девет години се повредени во несреќа на ескалатор во белградскиот трговски центар „Галерија“. Седум се со тешки повреди.

Десет деца се повредени во несреќа на ескалатор во трговскиот центар „Галерија“ во Белград, од кои седум се здобиле со тешки, а три со полесни повреди, потврдиле од белградската Служба за итни случаи за Н1 Србија. Несреќата се случила околу 14:35 часот, а повредените се на возраст од осум и девет години – пет момчиња и пет девојчиња. На местото биле испратени пет екипи на Брзата помош, а сите деца биле пренесени во Ургентниот центар. Според неофицијалните информации, децата биле во посета на киното во придружба на наставник. Причините за несреќата сè уште не се официјално утврдени, а постојат две различни верзии за тоа како дошло до инцидентот.
Две верзии за причина за несреќа
Според „Телеграф“, врвките од чевлите на едно дете се заглавиле во механизмот на ескалаторот, по што детето изгубило рамнотежа и паднало, а децата зад него не успеале да застанат, предизвикувајќи пад од синџир. Од друга страна, „Танјуг“ објавува дека ескалаторот одеднаш запрел, а потоа повторно се придвижил. „Телеграф“ пренесува и дека дел од децата имале скршеници на бутната коска, додека други биле згрижени поради повреди на главата. Сепак, постојат различни информации и за тежината на повредите, па конечната состојба ќе биде позната по болничките прегледи.
Објавени снимки од спасувачката акција
„Телеграф“ објави снимки на кои се гледаат екипи на итната помош како ги изнесуваат повредените деца на носилки и ги пренесуваат кон амбулантните возила. Според нивните информации, едно возило превезло пет деца, додека другите медицински екипи продолжиле да им помагаат на останатите повредени. За несреќата е известено Првото основно јавно обвинителство во Белград, чиј претставник излегол на местото на настанот. Истрагата треба да ги утврди точните околности и причините за несреќата.
View this post on Instagram

