Дознај прв
ВЛАДАТА ОБЕЗБЕДУВА БЕСПЛАТНА ВОДА ЗА ГОСТИВАР: По 50.000 литри дневно ќе се делат на седум пунктови
Владата ќе обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода дневно за жителите на Гостивар. Водата ќе се дели на седум пунктови во градот.

Владата интервентно ќе обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно за жителите на Гостивар. Мерката започнува од денеска и ќе трае во наредните неколку дена, поради проблемите со водоснабдувањето и препораките на надлежните институции.
Водата ќе се дели на седум локации
Дистрибуцијата ќе се врши преку Службата за општи и заеднички работи на Владата на седум пунктови. Вода ќе биде достапна кај „Водостопанство – Гостивар“, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, подружницата „Шар“ на Национални шуми, гаражите на ЕСМ, Општата болница „Ферид Мурад“ и Територијалната противпожарна единица.
Продолжуваат контролите и анализите
Од Владата информираат дека се во постојана координација со надлежните институции, кои продолжуваат со контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за состојбата. Најавено е дека секој за кого ќе биде утврдена одговорност ќе одговара согласно закон. Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат официјалните препораки сè додека состојбата со водоснабдувањето целосно не се нормализира.
