Македонија

„ВМРО НИЗ ФОТОГРАФИИ“ – 60 историски фотографии, дел од нив досега необјавени

„ВМРО НИЗ ФОТОГРАФИИ“ – 60 историски фотографии, дел од нив досега необјавени

Во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) синоќа беше отворена изложбата „Револуција во кадар – ВМРО низ фотографии 1893–1934“, на која се претставени 60 оригинални историски фотографии од македонското револуционерно минато. Значителен дел од фотографиите досега не биле претставени пред јавноста, а потекнуваат од приватните колекции на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.

Изложбата опфаќа четири децении од македонската историја, од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година до случувањата во 1934 година. На фотографиите се претставени македонски револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци и други личности поврзани со револуционерното движење. Поставката е поделена во три тематски целини: периодот пред и по Илинденското востание, времето на Балканските војни и Првата светска војна, како и меѓувоениот период.

На отворањето присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека историјата е аманет за иднината и дека народот што ги памети своите корени знае кој е и каде оди.