Македонија

(ВО ЖИВО) МИЦКОСКИ: „ONE STOP SHOP“ ЌЕ ГО ОЛЕСНИ ТРАНСПОРТОТ И ЌЕ ГИ ЗАЈАКНЕ ВРСКИТЕ СО АЛБАНИЈА

Мицкоски очекува заедничката гранична контрола на Ќафасан да го забрза движењето на патниците и да го поттикне туризмот меѓу Македонија и Албанија.

(ВО ЖИВО) МИЦКОСКИ: „ONE STOP SHOP“ ЌЕ ГО ОЛЕСНИ ТРАНСПОРТОТ И ЌЕ ГИ ЗАЈАКНЕ ВРСКИТЕ СО АЛБАНИЈА

Премиерот Христијан Мицкоски, на заедничкиот настан со албанскиот премиер Еди Рама по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, истакна дека новиот начин на гранично функционирање ќе го олесни транспортот на патници и ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните на двете земји. Тој посочи дека неколку милиони патници годишно поминуваат низ овој премин, поради што очекува новиот систем да овозможи побрзо и поедноставно движење.

Мицкоски очекува ваков систем да се воведе и на другите премини

Мицкоски изрази очекување моделот на заедничка контрола да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија, со цел дополнително поврзување на граѓаните од двете страни на границата. Според него, „One Stop Shop“ ќе има позитивно влијание и врз развојот на туризмот, особено во охридско-струшкиот регион и на албанското крајбрежје, каде што постои значителен туристички потенцијал.

Честитка за Денот на албанската азбука и благодарност до институциите

На почетокот на обраќањето, премиерот го честиташе 22 Ноември – Денот на албанската азбука на припадниците на албанската заедница, нагласувајќи дека празникот има значење и за мултиетничкиот карактер на државата и општествената кохезија. Мицкоски упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, вработените во МВР, Царинската управа и сите институции вклучени во реализацијата на проектот. Посебна благодарност упати и до албанскиот премиер Еди Рама за неговата лична поддршка во спроведувањето на проектот.

Жан Митрев