Хроника

11 ВОЗАЧИ УАПСЕНИ ЗА БЕЗОБЅИРНО ВОЗЕЊЕ: Осуммина возеле без возачка, тројца биле пијани

МВР лиши од слобода 11 возачи низ Македонија. Осум управувале без положен возачки испит, а тројца биле под дејство на алкохол и учествувале во сообраќајни незгоди.

11 ВОЗАЧИ УАПСЕНИ ЗА БЕЗОБЅИРНО ВОЗЕЊЕ: Осуммина возеле без возачка, тројца биле пијани

Во изминатото деноноќие полицијата лишила од слобода 11 возачи на различни локации низ државата поради безобѕирно управување со моторно возило. Сите се сомничат за кривично дело според член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, осуммина управувале возило без положен возачки испит, додека тројца возеле под дејство на алкохол и претходно учествувале во сообраќајни незгоди.

Возеле без возачка дозвола

Меѓу приведените се осум лица на возраст од 19 до 47 години од Скопје, Батинци, Порој, Гостивар, Радовиш, Раклиш, Струга и Лисичани. Во Гостивар бил извршен и службен разговор со 16-годишник кој управувал патничко возило без да има право на управување, во присуство на негов родител.

Тројца возачи биле под дејство на алкохол

Тројцата возачи кои управувале под дејство на алкохол и учествувале во сообраќајни незгоди се од кумановското село Биљановце, кичевското село Драмче и кривопаланечкото село Осиче. Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Полицијата апелира до граѓаните да не возат без положен испит, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување, со цел да се спречат незгоди и да се заштитат човечките животи.

ОЗНАКИ: мвр
Жан Митрев