Скопје
Дознај прв
15 ЛИЦА ПОВРЕДЕНИ ВО НЕВРЕМЕТО ВО СКОПЈЕ: Над 8.300 повици на бројот 112 за само четири часа
Петнаесет лица се повредени во силното невреме во Скопје, а на бројот 112 за четири часа биле примени повеќе од 8.300 повици.

Петнаесет лица побарале лекарска помош по силното невреме што попладнево го зафати Скопје. Девет повредени биле примени на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, додека шест лица биле згрижени во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Две лица се здобиле со потешки повреди
Од деветте пациенти примени на ТОАРИЛУЦ, две лица се здобиле со потешки повреди. Една жена со повреда на главата била префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка се здобила со скршеница на раката.
Шесте лица примени во „Св. Наум Охридски“ имале посекотини и набиеници и биле третирани амбулантски. Тројца од нив по прегледот биле пуштени дома, додека тројца останале на дополнителни испитувања.
Меѓу повредените имало лица погодени од гранки на паднато дрво, лим од покрив и паднати керамиди. Според лекарите, сите пациенти примени во оваа болница биле во стабилна состојба.
Над 8.300 повици на бројот 112
Центарот за управување со кризи соопшти дека од 17 до 21 часот на единствениот број за итни случаи 112 биле примени повеќе од 8.300 повици. Поради огромниот број пријави биле активирани дополнителни смени, а операторите работеле со полн капацитет.
Пријавите континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции и служби. Од ЦУК ги повикаа граѓаните на трпение и информираа дека материјалните штети може да се пријавуваат и во текот на следниот ден доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со 112.
Невремето предизвика паднати дрвја, откорнати покриви, оштетени автомобили и голема материјална штета низ повеќе скопски населби. Во болницата „8 Септември“ немало примени повредени лица, но била предизвикана значителна штета на покривот и покривната конструкција.
