Македонија
Дознај прв
БУГАРИЈА МОЖЕ ДА ДОБИЕ ПРВА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ: Јотова во водство, одлуката паѓа на 1 ноември
Илијана Јотова е во водство по првиот круг претседателски избори во Бугарија. На 1 ноември ќе се соочи со Андреј Ѓуров во трката за претседателската функција.

Бугарија ќе го избира новиот претседател во вториот круг на 1 ноември, откако ниту еден кандидат не освои доволно гласови за победа во првиот круг од изборите одржани во неделата. Според резултатите од преброени 95 проценти од гласовите, актуелната претседателка Илијана Јотова освоила 34,6 проценти, додека поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров добил 32 проценти. Во трката учествуваа 27 кандидати, но никој не го достигна потребниот праг од повеќе од 50 проценти за победа во првиот круг.
Јотова може да испише историја
Доколку победи во вториот круг, Илијана Јотова ќе стане првата жена во историјата на Бугарија која ќе биде избрана за претседател на државата. Таа претходно беше потпретседателка, а функцијата претседател ја презеде во јануари годинава, по оставката на Румен Радев. Јотова ја има поддршката на Радев, кој сега е премиер, додека Ѓуров е поддржан од прозападните реформски партии.
Рекордно ниска излезност на изборите
Првиот круг беше одбележан и со исклучително ниска излезност, при што на гласање излегле околу 22 проценти од граѓаните со право на глас, според објавените податоци. Изборите се одржаа во период на зголемена загриженост за безбедноста во Црното Море, по нападите со беспилотни летала врз трговски бродови. Јотова и Ѓуров имаат различни ставови за војната во Украина и надворешнополитичката ориентација на земјата, па вториот круг ќе биде важен и за идниот политички курс на Бугарија.
