Македонија
Дознај прв
ТИНЕЈЏЕРОТ КОЈ НАЈДЕ 4.000 ЕВРА НА УЛИЦА И ГИ ВРАТИ ДОБИ ПЛАКЕТА: „тивкиот херој на Делчево“
Огнен Малешевски од Делчево пронајде 114.000 денари, околу 2.000 евра и лични документи, па ги предаде во полиција. Градоначалникот го прими и му оддаде признание за чесноста.

Младиот Огнен Малешевски, кој пронајде и пријави голема сума пари и лични документи, денеска беше примен од градоначалникот на Делчево, како признание за неговата чесност и одговорност. Градоначалникот ја поздрави постапката на момчето, оценувајќи ја како позитивен пример што заслужува почит и признание. Огнен не ги задржал пронајдените пари за себе, туку веднаш ги однел во Полициската станица во Делчево за да му бидат вратени на сопственикот.
Пронашол 114.000 денари и околу 2.000 евра
Младиот делчевец во саботата, на булеварот „Македонија“, пронашол патна исправа и лична карта на свој сограѓанин, заедно со 114.000 денари и околу 2.000 евра. Наместо да ги задржи парите и документите, веднаш ги пријавил во полиција, покажувајќи исклучителна чесност и граѓанска одговорност.
„Наш тивок херој“ од Делчево кој испрати силна порака
На приемот, градоначалникот истакнал дека постапката на Огнен е пример за вистинските вредности во заедницата и дека неговиот потег зборува за Делчево на најубав можен начин. „Капка пример вреди повеќе од река совети, а овој пример на Огнен зборува за нашето Делчево на најубав можен начин“, порачал градоначалникот. Приемот бил израз на благодарност до младиот делчевец, кого го нарекол „наш тивок херој“.
