Македонија

ПОЛСКА СО СИЛНА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА: Холовња очекува скоро надминување на спорот со Бугарија

Потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, ја потврди поддршката за евроинтеграциите на Македонија и изрази надеж за надминување на спорот со Бугарија.

ПОЛСКА СО СИЛНА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА: Холовња очекува скоро надминување на спорот со Бугарија

Полска ја потврди поддршката за европските интеграции на Македонија на средбата во Собранието со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, и делегацијата што го придружува. На средбата со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Полска беше истакната потребата од продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави. Холовња посочи дека Полска има значајно искуство во надминување предизвици и решавање сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Бугарија.

Полска нуди искуство на патот кон ЕУ

На средбата, претседателката на пратеничката група, Даниела Николова, ги истакна добрите односи меѓу Македонија и Полска и потребата тие дополнително да се унапредуваат. Поддршка за македонските евроинтеграции изрази и Томаш Глоговски, претседател на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан, кој посочи дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата на патот кон Европската Унија. Тој изрази надеж дека ќе се најде заемно прифатливо решение за отворените прашања.

Економијата, туризмот и образованието во фокусот

Соговорниците ја оценија досегашната соработка во економијата, туризмот и образованието како важна основа за понатамошно поврзување. Беше нагласена потребата од проширување на соработката во повеќе области, вклучително и преку поинтензивни контакти меѓу парламентарните комисии и работните тела. На крајот од средбата беше изразена подготвеност за продолжување на размената на искуства и зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји.

ОЗНАКИ: Полска