Регион
Дознај прв
Мицкоски: Потпишана Националната програма за достоинствена работа 2026–2030, трудот и знаењето мора да се вреднуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, при што порача дека целта на Владата е создавање економија во која трудот се почитува, а работата обезбедува достоинствен живот за секое семејство.
Денес зборуваме за една од најважните теми за секое општество. За работата. За човекот кој создава, производи, гради и со својот труд го обезбедува животот на своето семејство. Зборуваме за достоинството на трудот, за правото на секој човек да има пристојна работа, праведна плата, безбедни услови и можност да напредува – истакна Мицкоски во своето обраќање.
Тој нагласи дека Владата се фокусира на надминување на сериозните предизвици со кои се соочува пазарот на трудот, како што се недостигот на квалификувана работна сила, иселувањето на младите и неусогласеноста меѓу образованието и стопанството. Особено внимание, според него, ќе се посвети на младите и економското зајакнување на жените.
Не сакаме младите својата иднина да ја гледаат единствено надвор од својата татковина. Сакаме тука да ја добијат својата прва шанса, тука да градат кариера, тука да создаваат семејства и тука да ги остваруваат своите амбиции. Исто така, мораме да создадеме повеќе можности за економско зајакнување на жените, за нивно поголемо учество на пазарот на трудот и за еднакви можности за професионален развој – додаде премиерот.
Во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ), програмата предвидува реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на нови вештини.
Законите се важни. Програмите се важни. Меморандумите се важни. Но најважно е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од нив. Работникот да почувствува поголема сигурност. Младиот човек да добие вистинска можност. Жената да има еднаква шанса за напредување – порача Мицкоски.
Премиерот заклучи дека најголемиот ресурс на државата се луѓето и дека исполнувањето на програмата започнува веднаш, со цел граѓаните да имаат сигурна иднина во сопствената земја.
