Магазин
Дознај прв
НОВИ ПРАГОВИ ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: Директни набавки до 2.000 евра, Бирото ќе користи и вештачка интелигенција
обранието ги усвои измените на Законот за јавните набавки. Се зголемуваат праговите за директни набавки, а Бирото ќе воведува дигитални алатки и вештачка интелигенција за откривање ризици.

Измените на Законот за јавните набавки, усвоени од Собранието, носат повисоки прагови за набавки од мала вредност, нови правила за транспарентност и дигитализација на системот. Според Министерството за финансии, државните институции, општините и другите договорни органи ќе можат да набавуваат стоки и услуги без тендерска постапка до 2.000 евра, наместо досегашните 1.000 евра. Прагот за градежни работи се зголемува од 5.000 на 10.000 евра, а годишниот лимит по институција од 12.000 на 25.000 евра. Од Министерството објаснуваат дека промените се потребни поради растот на цените и зголемените административни трошоци.
Повисоки прагови и за секторските договорни органи
Промени се предвидени и за секторските договорни органи, кај кои прагот за набавка на стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, а за градежни работи од 10.000 на 20.000 евра. Годишниот лимит за овие набавки ќе изнесува 50.000 евра, наместо досегашните 24.000 евра. Се воведува и обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи на преговарање без објавување оглас, а договорните органи ќе можат поедноставно да набавуваат стандардизирани стоки и услуги преку електронските каталози на Бирото за јавни набавки.
Вештачка интелигенција за следење на ризици
Со измените се зајакнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки, кое ќе развива веб-сервиси, дигитални алатки и решенија засновани на вештачка интелигенција за автоматизирано следење на постапките и откривање ризици. Секој договорен орган ќе мора да донесе и интерен акт за јавните набавки, а се предвидува и автоматска размена на податоци со други институции. Дополнително, се воведува систем на континуирано професионално усовршување на службениците за јавни набавки, наместо периодично повторно полагање испит за ресертификација. Целта на реформите е поголема транспарентност, посилна конкуренција и поефикасно управување со јавните средства.
