Македонија
Дознај прв
ДРАМСКИ ТЕАТАР НА ЕВРОПСКА СЦЕНА: „Парови“ ќе се претстави на генералната асамблеја на Еуродрам
Претставата „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, вечерва ќе биде изведена на Еуродрам во Скопје.

Претставата „Парови“ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска и изведба на ансамблот на Драмски театар Скопје, вечерва ќе биде прикажана во рамки на драмската програма на Еуродрам, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје. Изведбата е дел од Генералната асемблеја на европската мрежа за драма и превод, со која се одбележуваат 25 години од нејзиното постоење. На манифестацијата учествуваат околу 60 гости од 28 земји, а програмата вклучува сценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави.
„Парови“ ги истражува современите љубовни односи
Драмскиот текст „Парови“ беше меѓу наградените дела на Еуродрам за 2024 година. Преку повеќе приказни, авторката ги обработува партнерските односи, осаменоста, разочарувањата и предизвиците на современиот заеднички живот. Во фокусот е прашањето дали постои „успешна врска“ и колку идеализираната претстава за љубовта се разликува од реалноста на секојдневието.
Броен ансамбл на сцената на Драмскиот театар
Во претставата играат Игор Ангелов, Ања Митиќ, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Владимир Петровиќ, Игор Стојчевски, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујисиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Нина Елзесер и Лазар Христов. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите се на Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев, постерот е дело на Дамјан Момировски, а фотографиите од претставата се на Стефан Стамандов. Вечерашната изведба во рамки на Еуродрам ќе биде 25-та средба на „Парови“ со публиката.
