Македонија

Потпалувачот на дипломатските возила на бугарската амбасада ја призна вината – дејстувал сам

44-годишниот скопјанец обвинет за палењето на две дипломатски возила пред бугарската амбасада ја призна вината на судското рочиште.

Потпалувачот на дипломатските возила на бугарската амбасада ја призна вината –  дејстувал сам

44-годишниот скопјанец обвинет за палењето на две дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје ја призна вината на денешното судско рочиште. „Се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината. Сам одлучив“, изјави обвинетиот пред судот. Инцидентот се случи на 15 јуни 2026 година, околу 12:05 часот, на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кога двете дипломатски возила беа запалени.

Со бензин ги полеал и ги запалил возилата пред бугарската амбасада

Според обвинението, 44-годишникот пристигнал во центарот на Скопје со автобус, а потоа на бензинска пумпа на „Макпетрол“ наполнил бензин во пластично шише. Се приближил до паркираните дипломатски возила, ги полеал со бензин, ги запалил со запалка и веднаш го напуштил местото. Возилата ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во дипломатското претставништво. Полицијата истиот ден го идентификувала и привела осомничениот.

Обвинението е за загрозување лица под меѓународна заштита

По првичната постапка за предизвикување општа опасност, предметот бил преземен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое на 16 септември поднело обвинителен акт за загрозување лица под меѓународна заштита. На денешното рочиште било посочено дека обвинетиот бил пресметлив во моментот на извршување на делото, но дека кај него биле утврдени одредени нарушувања. Поради тоа, пред судот ќе биде повикан и вештак.