Дознај прв
НОВ МОДЕЛ ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК: 4.500 денари месечно и попусти до 25 отсто во маркети, пекарници и ресторани

Нов модел за субвенциониран студентски оброк најавува Владата, со кој месечната поддршка би се зголемила од досегашните 3.500 на 4.500 денари. Според предлогот што го презентираше Стојаноски, наместо преку платежна картичка, средствата ќе се користат преку мобилна апликација, во рамки на државната апликација М, каде што ќе биде додаден модул „М Студентски оброк“.
Новиот модел предвидува и дополнителни попусти од 20 до 25 проценти кај рестораните, пекарниците, маркетите и другите објекти избрани преку јавен повик. Со поделба на 4.500 денари на 25 субвенционирани денови, студентите би имале на располагање по 180 денари дневно, наместо досегашните 140 денари. Со дополнителните попусти, номиналната вредност на дневниот оброк би надминала 200 денари, според пресметките на Стојаноски.
Предлогот предвидува и средствата да бидат достапни на месечно, наместо на неделно ниво. Тоа значи дека студентите ќе имаат поголема флексибилност во користењето на парите и нема да мора да ги трошат во однапред определени неделни периоди. Според најавата, средствата ќе можат да ги потрошат и во рок од 10 или 15 дена, а до крајот на месецот ќе продолжат да ги користат договорените попусти кај избраните оператори. Средствата ќе може да се користат исклучиво за купување храна.

