Македонија

ЈАНЕВ ЈА ИЗНЕСЕ ХРОНОЛОГИЈАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО БОГДАНЦИ: Момчето претходно било приведено, му биле изречени и мерки

Александар Јанев ја изнесе хронологијата на полициското постапување пред трагедијата во Богданци, вклучувајќи ја пријавата, приведувањето и изречените мерки.

ЈАНЕВ ЈА ИЗНЕСЕ ХРОНОЛОГИЈАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО БОГДАНЦИ: Момчето претходно било приведено, му биле изречени и мерки

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска ја изнесе хронологијата на постапувањето на полицијата пред трагичниот настан во Богданци, во кој животот го загубија 17-годишната Билјана и нејзиното 21-годишно момче. Тој истакна дека МВР соодветно реагирало по претходната пријава и ги отфрли шпекулациите дека институциите не постапиле. Според Јанев, пред 30 септември во полициските евиденции немало пријави за семејно насилство поврзани со двајцата.

По пријавата момчето било приведено и пуштено по насоки на обвинител

Првата пријава била поднесена ноќта на 30 септември, кога Билјана телефонски пријавила физички напад од страна на лицето со кое била во љубовна врска. Полициски службеници од Гевгелија пристигнале во Богданци околу десет минути по пријавата, разговарале со девојката и го повикале нејзиниот родител, по што таа била упатена на лекарски преглед. Во меѓувреме, осомничениот бил пронајден и приведен во полициска станица во Гевгелија, каде што биле извршени службени разговори. По консултација со јавен обвинител, било одлучено лицето да биде пуштено, а по документирањето на случајот да биде поднесена кривична пријава во редовна постапка.

Судот изрекол мерки за заштита на жртвата

Од ОВР Гевгелија бил известен и Центарот за социјална работа, а подоцна била поднесена кривична пријава за телесна повреда при вршење семејно насилство. На 16 октомври било подготвено решение за привремена мерка за заштита, кое на 20 октомври било доставено до полицијата. Следниот ден бил подготвен план за безбедност на жртвата, а според Јанев, при последователните контакти Билјана и нејзиниот татко изјавиле дека немаат контакт со момчето и дека мерката се почитува. Јанев изрази сочувство до семејствата и најави дека поради чувствителноста на случајот нема да открива дополнителни детали за понатамошните полициски активности.

Жан Митрев