Македонија

ПРЕД 35 ГОДИНИ БЕШЕ ДОНЕСЕН ПРВИОТ УСТАВ: Македонија ги постави темелите на независната држава

Пред 35 години, на 17 ноември 1991 година, Собранието го донесе првиот Устав на независна Македонија и ги постави темелите на уставниот поредок.

ПРЕД 35 ГОДИНИ БЕШЕ ДОНЕСЕН ПРВИОТ УСТАВ: Македонија ги постави темелите на независната држава

На денешен ден, 17 ноември 1991 година, Собранието го донесе првиот Устав на независна Македонија, со што беа поставени темелите на сопствениот уставно-правен систем по осамостојувањето од поранешна Југославија. Донесувањето на највисокиот правен акт следуваше по референдумот од 8 септември 1991 година, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава. Работниот текст на Уставот го подготвија професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски, Лазар Китановски и Димитар Мирчев. Формален предлагач беше собраниската Комисија за уставни прашања, предводена од тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Кој учествуваше во подготовката на првиот Устав?

Комисијата броеше 28 членови, од кои 17 пратеници од сите пратенички групи и 11 научни и стручни работници. Меѓу надворешните членови била и актуелната претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, која во тој период за првпат станала пратеничка.

Темелите на уставниот поредок

Со Уставот беа утврдени основните вредности на уставниот поредок, меѓу кои владеењето на правото, основните човекови слободи и права, поделбата на власта и пазарната економија. Овие принципи станаа темел на демократското општество и на уредувањето на независната македонска држава.

Жан Митрев