Македонија

БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ПОВТОРНО ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Власта и опозицијата со спротивставени ставови

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжува расправата за Предлог-буџетот за 2027 година, додека други две комисии разгледуваат законски измени.

БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ПОВТОРНО ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Власта и опозицијата со спротивставени ставови

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата за Предлог-буџетот за 2027 година, по три дена дебата во која власта и опозицијата не ги приближија ставовите за буџетските проекции и развојните приоритети. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека предложениот буџет е продолжение на фискалната консолидација, со цел одржување на стабилноста на јавните финансии, економски раст и реализација на развојни инвестиции. СДСМ, пак, смета дека станува збор за документ без визија, кој не нуди ниту отчетност ниту развој.

Собраниски комисии со седници

Покрај Комисијата за финансирање и буџет, денеска ќе заседаваат и Законодавно-правната комисија и Комисијата за социјална политика, демографија и млади. На дневниот ред на Законодавно-правната комисија се повеќе предлог-закони во второ читање, меѓу кои измените на законите за Фондот за осигурување на депозити, земјоделство и рурален развој, задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и семејство, како и предлогот за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

На дневен ред и пензиските закони

Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе ги разгледува измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за семејството. Сите овие предлог-закони се во второ читање.

ОЗНАКИ: собрание
Жан Митрев