Свет
Дознај прв
САЈБЕР НАПАД ВРЗ ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА: Можно е да биле загрозени големи количества лични податоци
Европската комисија била цел на десетдневен сајбер напад. Привремено биле исклучени внатрешни системи, а размерите на штетата сè уште се утврдуваат.

Европската комисија била цел на сајбер напад во кој можеби биле компромитирани големи количества лични податоци, објави „Политико“, повикувајќи се на неименуван функционер на Европската Унија. Нарушувањето траело околу десет дена, а Комисијата привремено исклучила неколку внатрешни системи, меѓу кои и алатки за човечки ресурси. Засега не се познати целосните размери на штетата ниту количината на податоци што евентуално биле изложени.
Исклучени системи за плати, одмори и медицински надоместоци
Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие, потврдил дека биле преземени заштитни мерки по откривањето на серија сајбер напади. Исклучените системи им служат на вработените за проверка на платите, евиденција на работното време, поднесување барања за годишен одмор и обработка на медицински надоместоци. Според „Политико“, Комисијата верува дека успеала да го запре поголемиот дел од нападот, но истрагата за последиците сè уште трае.
Втор голем сајбер инцидент во Комисијата годинава
Тимот за сајбер безбедност на европските институции, CERT-EU, утврдил дека напаѓачите користеле бесплатно достапна алатка за вештачка интелигенција ARTEX за откривање безбедносни пропусти. Поради инцидентот бил свикан итен состанок на највисокото внатрешно тело за управување со кризи, а еврокомесарката за технологија Хена Виркунен ги информирала и останатите комесари. Ова е втор голем сајбер инцидент во Комисијата годинава, откако во март биле украдени околу 92 гигабајти компресирани податоци од сметка на Amazon Web Services, вклучително и имиња, електронски адреси и содржина на пораки. Според CERT-EU, тогаш потенцијално биле изложени податоци од најмалку 29 други институции и тела на ЕУ. Најновиот напад се случува во период кога Европската комисија најавува засилување на сајбер безбедноста низ Унијата, по предупредувањата дека и европските институции се изложени на зголемени дигитални закани.

