Економија
Дознај прв
ТРАМП ПОДГОТВУВА НОВИ ЦАРИНИ: На удар увозот од ЕУ, Кина, Јапонија и уште 14 држави
Администрацијата на Доналд Трамп разгледува нови царини од 10 до 12,5 проценти за производи од околу 60 економии, меѓу кои ЕУ, Кина и Јапонија.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува ново зголемување на царините за увоз на производи од Кина, Европската Унија и уште 14 држави. Според информациите објавени во „Волстрит џурнал“, мерките би можеле да опфатат десетици земји и да влијаат врз голем број производи што се увезуваат во САД. Меѓу нив се Кина, Јапонија, Јужна Кореја и сите 27 земји членки на Европската Унија.
Царини од 10 до 12,5 проценти за 60 економии
Се очекува новите царини да ги опфатат повеќето производи увезени од овие земји, вклучувајќи челик, алуминиум и автомобили, но и други индустриски производи. Според извори запознаени со плановите, мерките би можеле да предвидат царински стапки од 10 до 12,5 проценти за група од околу 60 економии. Сепак, нивната имплементација сè уште е предмет на правен спор, а конечните царински стапки не се познати.
Трамп може да ги услови царините со трговските договори
Администрацијата на Трамп размислува и за дополнителни царини доколку земјите не ги исполнат обврските од постојните трговски договори или не направат отстапки во идните преговори со САД. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир би можел да ги објави резултатите од едномесечната истрага за индустриските субвенции во Кина, ЕУ и уште 14 држави во текот на оваа недела. Според изворите цитирани од „Њујорк тајмс“, администрацијата верува дека кинеските субвенции им овозможиле на тамошните компании да создадат голем индустриски капацитет и да го загрозат американското производство.

