Економија

СВЕТOТ СЕ СООЧУВА СО НЕДОСТИГ НА ШЕЌЕР: Се очекува раст на цената и дефицит од еден милион тони

Меѓународната организација за шеќер прогнозира недостиг од еден милион тони во 2026/2027 година поради климатските услови и растот на производството на етанол.

СВЕТOТ СЕ СООЧУВА СО НЕДОСТИГ НА ШЕЌЕР: Се очекува раст на цената и дефицит од еден милион тони

Меѓународната организација за шеќер предвидува дека во пазарната 2026/2027 година на светскиот пазар може да недостигаат дури еден милион тони шеќер, објавува CNBC. Причините се неповолните временски услови во најголемите земји производители, Бразил и Индија, но и сè поголемото производство на биогорива, особено етанол. Организацијата предупредува дека послабите приноси, климатските промени и пренасочувањето на шеќерната трска кон производство на етанол создаваат дополнителен притисок врз глобалната понуда.

Бразил произведува повеќе етанол, а помалку шеќер

Повисоките цени на енергијата го прават производството на етанол сè попривлечно за бразилските фабрики, кои можат да одлучат дали шеќерната трска ќе ја користат за производство на шеќер или биогориво. Бразил учествува со околу половина од светскиот извоз на шеќер, па секое намалување на производството има значително влијание врз меѓународниот пазар. Роб Јохансон од Американската асоцијација за шеќер објаснува дека повисоките цени на нафтата ги поттикнуваат производителите да го зголемат производството на етанол, со што се намалува количината шеќер достапна за извоз.

Индија одобри увоз на еден милион тони шеќер

Дополнителен притисок врз пазарот доаѓа од Индија, вториот најголем производител на шеќер во светот по Бразил. Индиската влада неодамна одобри увоз на еден милион тони суров шеќер без царина, со цел да обезбеди доволно домашни количества поради намаленото производство, сезонското зголемување на побарувачката и растот на цените. Бидејќи Индија истовремено го ограничува извозот и се појавува како купувач на светскиот пазар, за останатите земји увознички може да останат помали количини. Дополнително, сушите поврзани со феноменот Ел Нињо би можеле да ги намалат приносите на пченка и да поттикнат пренасочување на шеќерната трска кон производство на етанол.

ОЗНАКИ: шеќер
Жан Митрев