Економија

ДВЕ ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА КАЗНЕТИ И ЌЕ ИМ БИДЕ ЗАБРАНЕТО ДА ДАВААТ КРЕДИТИ: Министерството изрече глоби по пријави од граѓани

Министерството за финансии им забрани на две финансиски друштва да одобруваат кредити во рок од 30 дена и им изрече глоби по пријави од граѓани.

ДВЕ ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА КАЗНЕТИ И ЌЕ ИМ БИДЕ ЗАБРАНЕТО ДА ДАВААТ КРЕДИТИ: Министерството изрече глоби по пријави од граѓани

Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и на две од нив им изрече привремена забрана за одобрување кредити во траење од 30 дена, како и парични глоби. Контролите биле спроведени во последните три месеци, постапувајќи по пријави од граѓани за неправилности во работењето. Од Министерството информираат дека мерките се изречени согласно законските прописи, а надзорот над финансиските друштва продолжува преку редовни следења и непосредни контроли.

Одземени четири дозволи и изречени 18 глоби од јули 2024 година

Од Министерството за финансии посочуваат дека од јули 2024 година досега се одземени четири дозволи за работа на финансиски друштва, а три друштва биле привремено затворени. Изречени се и глоби на 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра. Дополнително, издадени се 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.

Граѓаните можат да пријават неправилности

Министерството ги повикува граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности да поднесат пријава. Пријавите може да се достават преку архивата на Министерството, по пошта на адреса ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје, или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk. Од институцијата најавуваат продолжување на засилениот надзор со цел унапредување на законитоста и транспарентноста и поголема заштита на корисниците на финансиски услуги.

Жан Митрев