Македонија
Дознај прв
87 години од печатењето на антологиската збирка „Бели мугри“ од Рацин
На 25 ноември 1939 година била објавена стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин, дело што го означи почетокот на современата македонска поезија.

На денешен ден, 25.11.1939 година излегла од печат стихозбирката „Бели мугри” потпишана под псевдонимот К. Рацин. Во печатницата на Драгутин Шпулер во Самобор (Хрватска) биле отпечатени 4000 примероци кои илегално биле распространети низ тогашна Југославија. Појавувањето на збирката се смета за почеток на современата македонска поезија затоа што песните се напишани на македонски јазик во време кога тој бил потиснуван и негиран. Со своите стихови Рацин докажал дека македонскиот јазик е достоен за силно уметничко изразување.
Бели мугри – Поезија за работниците, селаните и социјалните неправди
Основни теми во стихозбирката се социјалните неправди на аргатите, работниците и селаните, револуционерната борба, но и тагата по времето што одминува.
„Бели мугри“ е симбол на македонската национална и културна свест бидејќи е модерна поезија, но истовремено блиска до македонската народна традиција.
„Ленка“, „Денови“ и „Тутуноберачите“ – стихови што остануваат
Песните „Ленка“, „Денови“, „Копачите”, „Тутуноберачите”, „Селска мака”, „Проштавање”, „Елегии за тебе“ се доказ дека поезијата може да биде уметност, но и силен глас на народот. Рациновата поезија е наша гордост, но и наш долг.

