Хроника
Дознај прв
„ЦУНА“ ОСУДЕН НА ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР: Лазаров призна вина за трговија со дрога, претходно избега од полициска станица
Александар Лазаров – Цуна призна вина за неовластено производство и пуштање во промет на дрога и доби 2 години и 6 месеци затвор.

Александар Лазаров, познат како Цуна, е осуден на две години и шест месеци затвор откако признал вина за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Пресудата ја изрекла судијката Катерина Цоневска во Основниот суд во Кочани, објави „Скопје1“. При одмерувањето на казната, судијката ги зела предвид олеснителните и отежителните околности. Лазаров пред четири месеци избега преку прозорец од полициската станица во Кочани, по што по него беше распишана меѓународна потерница.
Истрагата започнала по пронаоѓање кокаин во автомобил
Според претходните информации од Обвинителството, истрагата била отворена откако во автомобил биле пронајдени осум грама кокаин. Покрај Лазаров, со истрагата било опфатено уште едно осомничено лице. По бегството од полициската станица, полицијата го лоцирала и уапсила во Скопје четири дена подоцна. Тој и претходно бил приведуван поради сомневање за кривични дела поврзани со дрога, и во Скопје и во Кочани.
Името Цуна споменато и на судењето за трагедијата во „Пулс“
Името на Лазаров беше споменато и на судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Тогаш беше прочитан исказ на сведокот Ана, даден пред обвинител во мај годинава, во кој таа навела: „Лице познато како ‘Цуната’ беше главен дилер на дрога. Беше стално апсен, па пуштан“. По неговото бегство, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР отвори истрага за евентуална одговорност на полицајците под чиј надзор се наоѓал.

